Зголемен е бројот на деца заболени од варичела, односно овчи сипаници, информираат од Центарот за јавно здравје во Куманово.
Според податоците на установата во текот на декември биле евидентирани вкупно 86 заболени, во ноеври 37, додека во октомври бројката изнесувала само 20 заболени.
Најголем процент на заболените се деца на училишна и предучилишна возраст од 7 до 9 години и до шест годишна возраст, што е 95 отсто од вкупно заболените од оваа сезонско заболување, изјави Јадранка Стаменковска, епидемиолог во кумановскиот Центар за јавно здравје.
Стаменковска вели дека карактеристично е тоа што поголемиот дел од заболените деца се од урбана средина.
Периодот на инкубација на вирусот е од 10 до 20 дена. Се манифестира со појава на осип, кој започнува од стомакот и се шири кон вратот, екстремитите и главата. Меурчињата не треба да се допираат за да се одбегне контаминација. Болеста завршува со појава на крастички кои отпаѓаат за десетина дена, истакна Стаменковска.