Полскиот вицепремиер Јарослав Качински изјави дека Полска е отворена за идејата САД да распоредат тактичко нуклеарно оружје на нејзина територија.
Тој го повика Вашингтон да испрати повеќе војници во Европа.
Качински, кој е и лидер на владејачката партија во Полска, Партијата на правото и правдата, го повика НАТО да направи повеќе во Украина. Таму да распореди мировна мисија и да го достави оружјето што го побара Украина.
Исто така, вицепремиерот на Полска во интервју дадено за германскиот весник „Велт ам зонтаг“ го изрази своето незадоволство од политиката на Германија кон војната во Украина.
Тој повика источното крило на НАТО да биде заштитено повеќе од кога било досега и САД да распоредат дополнителни 50.000 свои војници во земјите на НАТО во Источна Европа.
Според него, најсилното одвраќање на Русија од понатамошни напади врз Европа се американските војници.