Руските напади во западна и централна Украина продолжија во текот на ноќта, соопштија украинските власти, повикувајќи се на најновите информации.
„Синоќа се случија две многу силни експлозии во близина на Житомир“, изјави Сергеј Сухомлин, градоначалник на овој украински град.
Како што изјавил, луѓето биле исплашени, бидејќи куќите се треселе како да е земјотрес.
„Под влијание на огнот не беше самиот Житомир, туку поблиската околина на градот. Сега ситуацијата во Житомир е повеќе или помалку мирна“, прецизира Сухомлин.
Шефот на регионалната воена управа Волин во западна Украина, Јуриј Похуљајко изјави дека проектилот го погодил складиштето за гориво и дека бил истрелан од соседна Белорусија.
Според него, Белорусија била база на руските воени сили.
„Сакам да ве информирам дека спасувачите сѐ уште работат на местото на ракетниот напад. Засега нема жртви. Ракетата полета на мала височина, избегнувајќи да биде откриена од радарот“, изјави Јуриј Похуљајко во објавата на Телеграм, истакнувајќи дека штотуку дошол од местото на настанот.