Општинската изборна комисија денеска официјално ги врачи уверенијата на Максим Димитриевски за нов мандат како градоначалник на Општина Куманово, како и на 33 нови членови на Советот.
Претседателката на ОИК Куманово, Бранкица Димковиќ, ги повика сите заедно да работат чесно и одговорно, сите да придонесат за подобрување на животната средина и природа со подобрување на спортот, културата, социјалната заштита и образованието.
– Би сакала во мое лично име и во име на Општинската изборна комисија Куманово да ви честитам за изборот на Градоначалник и изборот за советници во Советот на Општина Куманово. Ве повикувам функцијата градоначалник и советник да ја извршувате согласно законот, совесно и одговорно со почитување на Уставот, законите и прописите при вршење на вашите права и должности, рече Димковиќ.
Градоначалникот Максим Димитриевски упатувајќи честитки до сите избрани советници, повика сите заедно да работат за интересите на Куманово и градот да стане модерно и убаво место за живеење.
– Очекувам дека без разлика на политичка или било која друга определеност ќе имаме успешна работа во следните четири години бидејќи сепак нашата заедничка цел е да работиме во интерес на нашите граѓани и нашиот град. Сакаме да го видиме Куманово во уште поубаво светло и секако дека сите без разлика кој со какви убедувања сме и од каде доаѓаме ќе работиме исклучиво за интересите за нашите граѓани, на кумановки и кумановци и да го трансформираме Куманово во едно модерно и убаво место за живеење, рече Димитриевски во своето обраќање.
Советот на Општина Куманово, инаку, брои 33 членови. Засега е познато дека СДСМ и нивните коалициски партнери ќе влезат во коалиција со ДУИ, додека останатите сѐ уште се во преговори. Иако има шпекулации за можно коалицирање на граѓанската иницијатива „За наше Куманово“ со ВМРО-ДПМНЕ, засега нема официјална потврда од двете страни. Единствено познато е дека граѓанската иницијатива „За наше Куманово“ ја официјализираше соработката со Алијанса и Алтернатива.
Од независната листа „За наше Куманово“ во идниот совет ќе влезат: Ивана Ѓорѓиевска, Дарко Митевски, Јадранка Стаменковска, Николај Павловски, Лидија Костиќ, Бетим Хајдари, Мирјана Прокиќ Младеновиќ и Зоран Јовановски.
Од коалицијата на СДСМ: Атина Мургашанска и Александар Јовановски, Мартин Захариев, Александра Лазаревска, Љуљета Миљаими, Самет Салиевски, Јелена Спасовска, Дејан Ивановски од СДСМ, Благојче Јаќимовиќ од НСДП и Сузана Манчиќ од Српската странка.
Од коалиција на ВМРО-ДПМНЕ – Елена Доцевска Божиновска, Бобан Николовски, Валентина Младеновска и Невена Величковска од ВМРО-ДПМНЕ, Жарко Милошевски СПМ, Саша Николиќ ДПСМ, Марјан Каранфиловиќ ГРОМ.
Од ДУИ – Арта Мехмети Адеми, Ридван Дервиши, Мендух Асани и Фитор Јакупи.
Алијанска на Албанците и Алтернатива – Дритон Сулејмани и Хузаир Мустафи
Со по еден претставник во советот влегуваат Левица и БЕСА. Од Левица тоа ќе биде Никола Лазаревски, додека БЕСА ќе ја застапува Хуљуси Асипи.
Никола Ивановски