Започна реконструкцијата на поранешниот „Хотел Солун“, еден од најрепрезентативните објекти во Куманово, изграден уште во првата деценија на 20 век.
Проектот е во реализација на Општина Куманово, а финансиран од страна на ЕУ со Interreg-IPA CBC програмата за прекугранична соработка со Република Бугарија, кој се имплементира во соработка со Општина Дупница.
– Согласно проектот ќе го задржиме автентичниот изглед, а покрај конзервација, реставрација, санација и адаптација на објектот, предвидено е и обнова на ентериерот, опремување на просториите со мебел, организација на музички настан, обуки и други активности, вели градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски.
Во приземјето се предвидува повеќенаменски простор за презентации, трибини и инфоцентар, а во просториите на првиот кат е планирано да има административни простории.
Ќе продолжиме да го негуваме нашето културно наследство, вели Димитриевски, и да го враќаме сјајот на објектите кои се од особен значај за наше Куманово.
Никола Ивановски