Министерот за сообраќај на Велика Британија Грант Шапс денеска изјави дека е важно да се најде решение со Франција „што е можно поскоро“, која забрани товарен и патнички сообраќај со островската земја поради новата варијанта на коронавирусот, пронајден во Англија, јави Би Би Си.
Шапс за емисијата Би Би Си Брекфаст изјави дека разговарал со неговиот француски колега и дека двајцата се согласиле да најдат решение што е можно побрзо.
Британскиот министер рече дека и во интерес на Франција е да се најде решение, поради што повторно ќе разговара со француското Министерство за транспорт за ова прашање.
Шапс додава дека најголемиот дел од стоката доаѓа во Велика Британија во контејнери – околу 80 проценти – и дека станува збор за контејнери без екипаж, кои не подлежат на забрана.
Тој нагласи дека само Франција го забрани копнениот транспорт на стоки, што не е случај со другите земји од Европската унија.
Сања Костовска