Тринаесет жени и деца поврзани со терористичката група Исламска држава (ИД) се вратија во Австралија откако поминаа години во сириски притворен логор, соопштија властите.
Групата живее во логорот ал-Рој во Сирија од 2019 година, а нивното враќање е предмет на интензивна политичка дебата во Австралија, при што владата претходно изјави дека нема да им обезбеди помош за репатријација, објавува Би-Би-Си.
Три жени и осум деца, за кои се верува дека се членови на исто семејство, слетаа во Мелбурн во четврток попладне, додека втора жена и дете пристигнаа во Сиднеј кратко потоа.
Австралиската полиција соопшти дека некои од жените ќе бидат уапсени и обвинети по пристигнувањето, додека други сè уште се предмет на „тековни истраги“.
Според медиумите, групата што пристигна во Мелбурн се состои од бабата Кавсар Абас, нејзините возрасни ќерки Зеинаб и Захра Ахмед и нивните осум деца.
Абас е сопруга на Мохамед Ахмад, кој раководеше со хуманитарна организација за која австралиската полиција се сомнева дека се користела за испраќање пари до Исламска држава.
Тој претходно ги негираше обвинувањата во интервју за австралиската емисија ABC во 2019 година од затвор во Сирија.
Жената што пристигна во Сиднеј е идентификувана како Џанаи Сафар, поранешна студентка по медицински сестри од Сиднеј која отишла во Сирија во 2015 година и наводно се омажила за борец на ИСИС.
Таа претходно изјави дека отишла во Сирија по своја слободна волја, но не сакала да се врати во Австралија од страв од апсење и губење на своето дете.
Полициската комесарка Криси Барет потврди дека некои од жените ќе бидат уапсени и обвинети, вклучувајќи прекршоци поврзани со тероризам, како што се влегување или останување во ограничени зони, како и злосторства против човештвото, вклучително и трговија со луѓе.
Групата од 13 лица е дел од поширок контингент од 34 лица, за кој се верува дека вклучува сопруги, вдовици и деца на борци на ИСИС кои го напуштиле кампот во февруари, но се вратиле од „технички причини“ откако австралиската влада ја одбила нивната официјална репатријација.
На едно лице од таа група претходно му беше забрането враќање во Австралија преку „наредба за привремена забрана“, која им забранува враќање до две години. Тоа лице не е во групата што пристигна во четврток.
Министерот за внатрешни работи Тони Бурк изјави дека владата дознала за враќањето на групата во среда, кога биле купени авионските билети.
– Ова се луѓе кои направиле ужасен избор да се приклучат на опасна терористичка организација и да ги стават своите деца во незамисливи околности – рече Бурк, додавајќи дека „сите оние кои извршиле кривични дела ќе се соочат со полната сила на законот“.
Шефот на австралиската разузнавачка служба, Мајк Бургес, изјави дека во моментов не е „загрижен“, но групата ќе биде под зголемен надзор.
Премиерката на сојузната држава Викторија, Џасинта Алан, изјави дека децата кои ќе се вратат во таа држава ќе бидат вклучени во програми за спречување на насилен екстремизам.

