Четири лица загинаа, а 23 се повредени во средата во железничка несреќа северно од Каиро, објави египетското Министерство за здравство нови податоци за бројот на жртви.
Министерството претходно соопшти дека две лица загинале, а 16 се повредени во несреќата што се случила кога патнички воз кој влегувал во станицата Каљуб поминал низ сигнал за застанување.
Наместо да закочи, возот продолжил по својот пат и удрил во бариера на крајот од пругата.
„Ова предизвика локомотивата и првиот вагон да излетаат од шините“, се вели во соопштението на властите.
Речиси 105 милиони луѓе го користат возот како превозно средство, но железничката мрежа е запоставена и има чести гневни протести поради судири, излетување од шини и други несреќи.
Во април 2021 година, министерот за транспорт го разреши претседателот на Египетските железници поради две несреќи за помалку од еден месец во кои загинаа повеќе од 40 луѓе.
Железничките несреќи во Египет најмногу се припишуваат на лошата инфраструктура и лошото одржување.
Една од најсмртоносните несреќи во Египет се случи во 2002 година кога пожар зафати преполн воз јужно од главниот град, при што загинаа 373 луѓе.