Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, изјави дека контактите меѓу Русија и Соединетите Американски Држави се обновуваат, откако беа речиси целосно прекинати претходната година.
Според неа, иако овој процес не е лесен, тој се одвива во неколку насоки, особено преку подобрување на работата на амбасадите и дипломатските канали, објави РИА Новости.
„Контактите меѓу Русија и САД се обновуваат, бидејќи претходно беа целосно прекинати. Ова, се разбира, не е едноставна задача, но се одвива во различни насоки“, истакна Захарова.
Таа нагласи дека клучна улога во овој процес одиграле рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Марко Рубио, кои отвориле простор за консултации меѓу дипломатите.
Захарова, исто така, спомена дека контактите се водат и на парламентарно ниво, при што руските сенатори комуницираат со своите американски колеги.
„Веќе се постигнати конкретни резултати, вклучително и подобрувања во работата на нашите амбасади“, додаде таа.
Зборувајќи за улогата на Соединетите Американски Држави во Украина, Захарова истакна дека би било попродуктивно да се зборува за обновување на билатералните контакти отколку за американската посредничка улога.
„Не треба толку многу да зборуваме за посредничката улога на САД во Украина, туку за обновувањето на контактите меѓу Москва и Вашингтон, кои претходната администрација намерно ги уништи“, заклучи Захарова.