За седум дена почнува нова и опсежна санација на улиците во Куманово

Сподели со своите пријатели

Дванаесет советници се пријавија за прашање на денешната 38 – ма редовна седницна на Совет на Општина Куманово, со единствен дневен ред за советнички прашања упатени до градоначалникот Зоран Дамјановски.

Loading...

Советникот од редовите на коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ, Борислав Додевски, денес постави прашање за тоа кога ќе се санираат дупките на сообраќајниците во градот, односно, кога ќе се постават табли за именување на улиците во градот.

Според Дамјановски, летното крпење на дупките на повеќе улици ќе продолжи за седум дена со оглед дека новиот закон побарува претходна тендерска постапка и јавно наддавање кое треба да заврши во текот на денешниот ден.

– Во текот на прибирање на понуди во тендерската постапка, успеавме да добиеме квалитетни понуди, односно, денес во 15:30 часот завршува електронското надавање, и со 25 милиони денари ќе се заврши и проектот за крпење на многу улици и комплетна реконструкција и санирање на горниот асфалтен слој. Предвидено е 25 до 26 километри да бидат покриени со нов слој, со што до крај на август ќе се заврши поголем дел од предвидената обнова на улиците во градот, изјави Дамјановски.

Што се однесува до поставување табли за обележување на улиците, Дамјановски најави дека ова прашање ќе биде оставено за подоцна, со надеж дека кон крајот на годината ќе се започне и со имплементација на овој проект, во зависност од финансиската слика на општината која според градоначалникот беше оценета како неповолна.