Владата предлага измени на Законот за безбедност во сообраќајот со кои се предвидуваат построги правила за користење на електричните тротинети, вклучително и ограничување на возраста на возачите, намалување на максималната дозволена брзина и можност за привремено одземање на тротинетот.
Предлог-измените денеска се најдоа на дневен ред на пленарната седница во Собранието, а доколку бидат усвоени, електричните тротинети ќе можат да ги управуваат само лица постари од 18 години.
Воедно, максималната дозволена брзина ќе биде ограничена на 20 километри на час.
Покрај паричните казни за прекршителите, законските измени предвидуваат и можност за привремено одземање на електричниот тротинет во период од 30 дена.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и еден од предлагачите на измените, Никола Мицевски, образложи дека потребата од новите мерки произлегува од анализите на сообраќајните незгоди во кои учествувале лица што управувале со електрични тротинети.
Според него, одлуката за зголемување на старосната граница е донесена поради податоците кои покажуваат дека во повеќе од половина од сообраќајните незгоди со електрични тротинети учествувале лица на возраст од 16 и 17 години.
Никола Ивановски

