За над 13.000 ученици заврши учебната година во Куманово, најуспешните ќе добијат признанија (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Со денешниот ден официјално заврши учебната 2025/2026 година за учениците од основните и средните училишта на територијата на Општина Куманово.

Наставата ја завршија вкупно 13.071 ученик, од кои 9.346 ученици од прво до деветто одделение во основните училишта и 3.725 ученици од прва до трета година во средните училишта.

Ова го соопшти раководителот на Секторот за образование при Општина Куманово, Александар Јовановиќ, кој на матурантите им посака успех на претстојните испити и понатамошното образование.

– Во оваа прилика би сакал да им посакам успех на учениците во полагањето на матурскиот испит, било која матура и да ја имаат избрано да ја полагаат, а потоа нормално и запишување на факултетот кој тие ќе си го изберат. На останатите ученици од прво до деветто одделение и од прва до трета година им посакувам убав и успешен активен летен одмор, рече Јовановиќ.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  72-годишен кумановец го натепал својот соссед

 

 

Според него, зад училиштата е успешна учебна година, во која биле реализирани бројни проекти, обуки и активности.

– Можам да кажам дека заврши успешна учебната 2025-2026 година за сите училишта во кои во повеќето имаше реализација на многу проекти и обуки од страна на Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, Општината, потоа невладиниот сектор, невладините организации и здруженијата“, истакна тој.

Јовановиќ се осврна и на инвестициите во училишната инфраструктура, посочувајќи дека во тек се реконструкции на повеќе образовни објекти.

– Во тек се реконструкција на училишната спортска сала во ООУ „Толи Зордумис“ и реконструкција на кровот, прозорците и поставување на енергетско ефикасна фасада на музичкото училиште „Панче Пешев“, кое долги години не беше реконструирано. Од септември учениците ќе започнат настава во музичкото училиште во реновирани и обновени услови, рече Јовановиќ.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Советот на Општина Куманово утре ќе ја одржи 12. седница

Тој нагласи дека учениците од Куманово и годинава постигнале значајни резултати на различни натпревари и натаму успешно го претставуваат градот и државата.

– Сведоци сме на многу признанија и награди на учениците и тоа награди како на општински, зонски, државни, така и на меѓународни натпревари. Имаме ученик кој ќе одат на олимпијада по физика, во Колумбија, така што од тој аспект сме презадоволни и така треба да продолжат, изјави тој.

Честитки упати и до наставниците кои годинава напредувале во кариерата.

– Оваа година имаме наставници во основните и средните училишта кои се стекнаа со кариерно напредување, звање наставник-ментор и наставник-советник. Честитки за постигнувањата на наставниците и им посакувам успешна работа, рече Јовановиќ.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  20-годишник приведен во Куманово, возел автомобил без дозвола

Тој најави дека и оваа година ќе се одржи традиционалната манифестација „Ученик на генерацијата“.

– Традиционално и оваа година Здружението на просветни работници Куманово ќе организира свечено доделување на наградите на најуспешните ученици, односно манифестацијата насловена како „Ученик на генерација“ или „Првенец на генерација“ за 2026 година, која ќе се одржи на 17 јуни во Занаетчиски дом, информираше Јовановиќ.

Осврнувајќи се на предизвиците во текот на учебната година, тој посочи дека имало пријави за врсничко насилство и булинг, но најголемиот дел од случаите биле решени во рамки на училиштата.

На крајот, Јовановиќ упати благодарност до институциите и организациите со кои образовните установи соработувале во текот на годината, како и до наставниците, учениците и родителите за нивниот придонес во успешното реализирање на наставниот процес.

Никола Ивановски