Српскиот претседател Александар Вучиќ, унгарскиот премиер Виктор Орбан и австрискиот канцелар Карл Нојхамер денеска се сретнаа во Будимпешта на трипартитниот самит посветен на политиката на мигрантите и заедничката акција против организираниот криминал и шверцот, како и енергетската ситуација.
„Денеска разговаравме за сите важни и тешки прашања со кои се соочуваме. И енергијата и финансиската состојба… Сите сме под притисок. Сите знаеме колку тешко ќе биде да се надмине есента, зимата, а богами и пролетта. Мислам дека следната ќе биде уште полоша зима“, рече Вучиќ.
Вучиќ истакна дека кога се во прашање резервите на гас, секој си ги чува своите.
– Во нашите земји луѓето не се навикнати на вакви кризи. Се што направивме во последните 10 години може да исчезне за шест месеци, а не по наша вина – рече Вучиќ, додавајќи дека не се работи само за тоа дали ќе имаме доволно гас за домаќинствата, туку и за компаниите.
„Се додека Унгарија има гас, ќе има и Србија“
– Во некои земји ќе бидат затворени трговските центри, бидејќи компаниите нема да можат да плаќаат за се – рече тој, поради што ќе биде потребна соработка и заеднички решенија од сите земји.
Одговарајќи на новинарско прашање за енергетиката, Орбан изјави дека Унгарија работи со Србија на стратешки решенија за снабдување со енергија.
– Се додека Унгарија има гас, ќе има и Србија – рече Орбан.
„И оваа средба со пријателите покажа дека партнерството, соработката и заедничката работа можат да решат бројни предизвици“, објави претходно Вучиќ на Инстаграм со фотографии од третата средба.
Вучиќ изјави дека „на маса се теми од големо значење за сите, од енергетиката до мигрантската криза, но и зајакнувањето и проширувањето на економската соработка“.
Сите информации за економско-енергетската криза во светот можете да ги прочитате ТУКА.