Врачени ноемвриските награди на Општина Куманово за 2026 година (ФОТО)

Сподели со своите пријатели

Четворица поединци и три правни лица се добитници на Ноемвриската награда на Општина Куманово за 2026 година, која им беше врачена денеска на свечената седница на Советот на Општина Куманово, по повод одбележувањето на 11 Ноември – Денот на ослободувањето на градот.

 

 

Добитници на Ноемвриската награда – поединци

Шенаси Јусуфи – лекар специјалист по педијатрија и неонатологија, основач и сопственик на ПЗУ „Алфа Медикус“, за долгогодишната работа и особен ангажман во здравството, како и неговиот научен и хуманитарен придонес.

 

 

Бошко Тасиќ – спортски новинар, за долгогодишниот професионален ангажман и придонес во развојот, афирмацијата и медиумската промоција на спортот во Куманово и пошироко.

 

 

Марина Цветановска – Мартиновска – ликовен уметник и педагог, за долгогодишниот творечки и професионален придонес во развојот и афирмацијата на ликовната уметност, како и промоцијата на градот на меѓународната уметничка сцена.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  На Спомен Костурница одбележани 82 години слободно Куманово (ФОТО)

 

 

Стојанка Стојковиќ – претприемач во пензија, за долгогодишниот ангажман и заложбите за развој на компанијата „Екстра Меин“, придонесувајќи за јакнење на локалната економија и претприемништвото.

 

 

Добитници на Ноемвриската награда – правни лица

Културно-уметничко друштво „Панче Пешев“ – Куманово, кое годинава одбележува 100 години постоење и работа, за значајниот придонес во културниот живот на градот и афирмацијата на македонскиот фолклор и традиција.

 

 

Друштво за градежништво и услуги „Урбанинг“ ДОО Куманово за донацијата на проектната документација за изградба на новиот современ објект на СОУ „Сами Фрашери“, со што придонесе за создавање поквалитетни услови за образование.

 

 

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Димитриевски: Да ја претвориме слободата во можности, напредок, достоинствен живот и подобра иднина

Спортски кик-бокс клуб „Предатор“ – Куманово, за афирмацијата на градот и државата преку учеството на државни, европски и светски првенства, на кои неговите натпреварувачи освоиле високи медали.

 

 

Градоначалникот додели и шест благодарници

Покрај Ноемвриските награди, градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, на свечената седница додели и благодарници на поединци и организации за нивниот особен придонес во образованието, противпожарната заштита, планинарството, културата и спортот.

 

 

ООУ „Вук Караџиќ“ – за 80 години посветена образовна дејност, унапредување на квалитетот на образованието и значаен придонес во културниот, образовниот и општествениот живот на Куманово.

 

 

Дејан Илиевски – за долгогодишната посветеност во работата како командир на Територијалната противпожарна единица Куманово.

 

 

Здружение за планинарење и заштита на планината „Козјак 2013“ – за особен придонес во развојот на планинарството за сите возрасти и унапредувањето на еколошката свест.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Куманово одбележува 82 години од ослободувањето и 507 години од своето постоење

 

 

Филип Стевановски (постхумно) – врвен педагог и еминентен музичар, достоен амбасадор на македонското културно творештво, за особен придонес во промоцијата на македонските традиционални вредности.

 

 

Јасмина Голубовиќ (постхумно) – за долгогодишната посветеност и достигнувањата како рекордер во бројот на настапи и постигнати голови за ЖРК Куманово, со што остави траен придонес во развојот на спортот.

 

 

Димитар Антевски (постхумно) – долгогодишен професор по физичко образование, за особен придонес во развојот на спортот.

 

 

Со доделувањето на наградите и благодарниците, на свечената седница беа оддадени признанија на поединци и организации кои со својата професионална работа, посветеност и ангажман оставиле значаен белег во развојот и афирмацијата на Куманово.

Никола Ивановски