Во Трир денеска почна судењето на осум лица обвинети за бизнис со серверите за „даркнет“ – темната страна на интернет, кадесе тргува со дрога, оружје и забранета порнографија.
Бизнисот со години бил воден од поранешен германски воен бункер во Трабен-Трарбах,помеѓу Кобленц и Трир, во западниот дел на Германија.
Во пет ката под земја се наоѓале повеќе од 400 сервери од кои криминалците од целиот свет на „даркнет“ продаваче дрога и порнографски снимки од злоставување на деца, покренувале хакерски напади или фалсификувале пари. Полицијата во септември минатата година упадна во бункерот.
Денешното судење е за организаторите на серверите за „даркнет“. Четворица Холанѓани, тројца Германци и еден Бугарин се обвинети за помагање во извршување на околу 250.000 кривични дела. Како шеф на бандата се посочува 60-годишен Холанѓанец, кој во 2013 година го изнајми бункерот,што претходно го користеше германската војска. Другите обвинети се на возраст од 21 до 60 години и биле ангажирани како администратори за техника и за ИТ.
Судењето на организаторите на серверите предвидено е да се одвива докрајот на следната година, секогаш во понеделник и во четврток.
Марина Илиевска