Претседателот на Еквадор, Гиљермо Ласо денеска прогласи вонредна состојба во земјата по убиството на претседателскиот кандидат Фернандо Вилависенсио.
Вонредната состојба ќе трае 60 дена, а вооружените сили ќе бидат мобилизирани низ целата земја, објави весникот „Ел Универзо“.
Ласо потпиша и декрет за прогласување на тридневна национална жалост.
Изборите закажани за 20 август нема да бидат откажани.
Еквадорскиот претседателски кандидат Фернандо Вилависенсио беше убиен претходно денеска на предизборен митинг во Кито.
Напаѓачот бил неутрализиран по размена на оган со полицијата која го обезбедувала собирот, а уште шестмина осомничени се приведени по полициска рација, соопшти државното обвинителство.
На видеата објавени на социјалните мрежи се гледа како толпа луѓе на предизборен настан се кријат и врескаат како резултат на пукањето.
Вилависенсио беше еден од најжестоките критичари на поранешниот еквадорски претседател Рафаел Кореа и беше осуден на 18 месеци затвор за клевета на Кореа.
Подоцна доби политички азил во Перу. Тој исто така беше независен новинар кој ја истражуваше корупцијата во претходните влади на Еквадор, по што влезе во политиката како борец против корупцијата.
Во својот последен говор, пред да биде убиен, Вилависенсио им вети на толпата дека ќе ја искорени корупцијата и ќе ги затвори „крадците“ во земјата.
Според анкетите на јавното мислење, Вилависенсио имал поддршка од 7,5 отсто од гласачите и бил петти најпопуларен меѓу претседателските кандидати.