Владата на Република Северна Македонија вечерва во Занаетчискиот дом во Куманово ја одржа својата 171 редовна седница, на која освен премиерот Зоран Заев и сите министри присуствуваат и градоначалниците на Куманово, Крива Паланка, Кратово, Липково, Ранковце и Старо Нагоричане.

Како што рече пермиерот Зоран Заев, целта е од градоначалниците на овие општини најнепосредно да се добијат информациите од интерес на граѓаните.
– Од тие информации, од она што го очекуваат граѓаните од овие општини и од овој регион да ги утврдиме нашите идни политики и одлуките за проекти кои може да ги реализираат општините со поддршка на централната власт, изјави Заев.

Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски рече дека е добра идејата да се отворат голем број прашања што директно ги засегаат граѓаните на градот и целиот регион.
– Знаете дека е еден од најверазвиените региони во државата и се надевам дека со директна комуникација со Владата и со отворени разговори директно на маса ќе изнајдеме начин како да ги решаваме проблемите на граѓаните. Еден од пробелмите кои не засега најмногу моментално е аерозагадувањето и тоа ќе биде една од темите за кои вечерва планираме да отвориме дискусија, исто така комуниалните проблеми, финансиските обврски на општините и сето она што значи стратешка и долгорочна поддршка на општините која доаѓа дирекно од извршната власт предводена од владата, изјави Димитриевски.

Во текот на денот, на седницата вечерва ѝ претходеа повеќе теренски активности на замениците претседатели во владата, на министрите, замениците министри и на некои од директорите на јавните претпријатија и на акционерските друштва во сопственост на владата.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов, извршија увид во работите на рехабилитацијата на регионален пат Куманово – Свети Николе.
– Станува збор за еден исклучително важна регионална делница која ќе обезбеди побезбедно и поефикасно поврзување на северниот и северно-источниот регион на нашата земја со Свети Николе, а понатаму и со регионите во Штип и Струмица, изјави премиерот Заев.

Министерот за здравство Венко Филипче ја посети општата болница во Куманово за да ја промовира новата опрема во болницата и да ги договори идните активности за доопремување со апарати за најсовремени здравствени услуги.

Министерот Филипче се сретна и со пензионерите со кои разговараше за укинувањето на квотите за лекови за да добие од прва рака информација дали мерката ги исполнува очекувањата на граѓаните.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, се сретна со корисниците на социјална пензија од Куманово и регионот.


