Меѓународниот ден на старите лица одбележан во „Зафир Сајто“ со низа активности и нови соработки (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Со поетско читање, цртање и спортски активности, Домот за стари лица „Зафир Сајто“ во Куманово денеска го одбележува Меѓународниот ден на старите лица.

Активностите се реализираат во соработка со невладини организации и Црвениот крст Куманово, а од домот најавуваат и проширување на соработката со средните училишта и граѓанскиот сектор.

Директорот на „Зафир Сајто“, Александар Крстевски, посочи дека овој ден има особено значење за домот и неговите корисници.

– Овој ден ќе имаме поетско читање, цртање и спортски активности со нашите корисници. Нашата обврска е секојдневно да ја создаваме средината подобра за нашите луѓе кои се тука сместени, рече директорот.

 

 

Крстевски упати и апел до граѓаните кои имаат слободно време да се вклучат во активностите со старите лица.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Без струја денеска неколку локации во Куманово

– Посебна благодарност упатувам до сите наши вработени кои со својата посветеност, човечност и трпеливост се грижат за овие корисници и исто така упатувам апел до сите наши граѓани кои имаат слободен временски период, кои немаат многу обврски или имаат обврски во делот на старите лица, да ни се приклучат, да дојдат, заедно да направиме неколку настани и да ги разубавиме овие моменти на нашите корисници, додаде Крстевски.

Во рамки на активностите, домот продолжува да ја развива соработката со средните училишта во Куманово.

За утре е најавено потпишување меморандум со техничкото училиште „Наце Буѓони“, преку кој ќе се воспостави соработка со медицинскиот кадар, односно медицинскиот дел на училиштето.

Со Гимназијата, пак, од 1 до 15 октомври се планирани активности, додека со Средното општинско земјоделско училиште „Киро Бурназ“ се подготвува фризерско студио во просториите на домот.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Адем Мекиќ повторно во дресот на Куманово

– Од денеска веќе ги расчистуваме просториите, ги опремуваме просториите за фризерското студио со средното земјоделско училиште „Киро Бурназ“, така да од понеделник почнуваме соработка со нашите средни училишта, истакна Крстевски.

Од „Зафир Сајто“ најавуваат дека соработката со училиштата и невладините организации ќе продолжи и во наредниот период, со активности кои ќе им овозможат на корисниците повеќе содржини и дружење.

Покрај активностите посветени на корисниците и новите соработки, Домот „Зафир Сајто“ е во завршна фаза и со подготовките за реконструкција на геријатрискиот дел.

Проектот предвидува целосна реконструкција на овој дел од домот, со 14 соби, со што треба да се создадат значително подобри услови за корисниците.

Крстевски посочи дека станува збор за проект кој се реализира со европски средства и со повеќе партнери, а освен реконструкцијата, предвидени се и дополнителни алатки за корисниците.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Без струја денеска неколку локации во Куманово

– Ваквите проекти ќе бидат од големо значење за нас и за Општина Куманово, затоа што со програма со европски пари доаѓаме до подобри услови за нашите корисници. Тоа е само еден сегмент, во вториот ќе добиеме неколку алатки и таблети каде ќе можат старите лица подобро да увидат на кој начин им се потребни нивни секојдневни побарувања и обврски, рече директорот.

Реализацијата на проектот, според последните информации, треба да заврши до крајот на декември. Во проектот е вклучен и партнер од Лесковац.

Вкупната вредност на проектот е околу 400.000 евра, додека за реконструкцијата на делот во Домот „Зафир Сајто“ се обезбедени 60.000 евра.

Никола Ивановски