„Мигрантите не се само бројка” е темата на јавната дискусија која утре ќе се одржи во просториите на „Евроколеџ“ во Куманово со почеток во 12 часот, во организација на Здружението „Диверзити Медиа“, а во рамките на проектот Глокал Дискусии.
Панелисти на оваа тема ќе бидат професор Владимир Пивоваров, советник во Министерството за внатрешни работи, активистот Кастриот Реџепи и Светлана Антиќ – Јовчевска, новинар на Радио Слободна Европа.
Дискусијата ќе биде отворена за публиката, а нејзината цел ќе биде да се зајакне доброто владеење, давајќи им глас на сите да го изразат мислењето за важните теми во целото општество.
Граѓаните на Македонија ретко имаат можност лично да присуствуваат на дебати за актуелни теми со претставници на интелектуалната, уметничката, академската и експертската јавност на Македонија. Уште помалку шанси добиваат да почуствуваат дека на тој начин активно треба да придонесат за решавање на проблеми и подобрување на животните услови на локално ниво – стои во соопштението по повод дискусијата.
Шест различни теми ќе бидат дискутирани во 12 различни града, а во периодот до Август 2016, „Диверзити Медиа“ ќе изработи и 12 медиумски производи од јавните дискусии, што потоа ќе бидат објавени на платформата на „Диверзити Медиа“, Алсат М Телевизија, како и на социјалните мрежи на организацијата. Ќе се изработи и брошура со споредбени анализи за тоа како се перцепираат истите теми, односно проблеми во две различни средини.
Проектот е подржан од „Civica Mobilitas“, имплементиран од МЦМС и НИРАС, а партнер во неговото спроведување е телевизијата „Алсат-М“.