Во специјално обраќање до нацијата, полскиот премиер Доналд Туск изјави дека во „брутални времиња на себичност во светот“ Полска гради армија каква што немала со векови и инсистира нејзиниот глас да се чуе повеќе во Европа, бидејќи денес ништо не може да се договори без Полска.
„Создаваме армија каква што Полска немала со векови. Супер силна и модерна. Армија за победи. Гласот на Полска одамна не звучел толку силно во Европа. Полска е почитувана и слушана. Ништо важно не може да се договори во Европа без Полска“, рече Туск во четвртокот вечерта во говорот по повод 21-годишнината од влегувањето на Полска во Европската унија, пренесува Бета.
Полскиот премиер апелираше до Полјаците дека немаат причина да се плашат од времето во кое живеат денес, кога неизвесноста, бруталноста и егоизмот се враќаат во светската политика.
„Војната престана да биде апстрактна, приврзаноста кон вредностите е заменета со верувањето дека ништо не е бесплатно. Дали ова значи дека повторно ќе ни ги одземат полските соништа? Дали треба да се плашиме? Не. Треба да бидеме силни“, рече Туск.
Инвестирање во оружје
Полскиот премиер потсети дека оваа година, кога Полска одбележува 1.000 години откако беше крунисан кралот Болеслав Храбриот и Полска стана кралство, всушност е пресвртница, бидејќи земјата е подготвена за нова доктрина да биде регионална сила.
„Вложуваме милијарди во вооружување и инфраструктура. Нема да се двоумиме да им дадеме приоритет на нашите компании во ова. Економскиот национализам не е лоша работа“, рече Туск.
Полскиот премиер ја нагласи важноста на економската дипломатија кога државата го спонзорира проширувањето на полскиот бизнис, извозот и интересите на полските компании во странство.
„Ќе се бориме жестоко и доследно за секое работно место во Полска“, рече Туск.
Премиерот го наведе новиот слоган на Полска: „Најсилната економија, најсилната армија, најсилниот глас во Европа“.