Тропската бура Хилари, која ја погоди јужна Калифорнија, поплави патишта, урива дрвја и ги принуди властите да користат булдожери за да спасат десетици жители на дом за стари лица заробени во калта.
Фронтот на невремето денеска продолжи да се движи кон север, поради што властите издадоа предупредувања во неколку држави и организираа зголемен надзор поради можни поплави, пренесува АП.
Националниот центар за урагани во Мајами соопшти дека Хилари изгубила голем дел од својата енергија и дека само остатоци од фронтот на бурата се движат над Карпестите планини, но предупреди дека се очекува делови од југозападниот дел на САД да доживеат „поплави кои ќе бидат потенцијално опасни по живот“.
Синоптичарите соопштија дека заканата од поплави е најголема во областа од југоисточен Орегон до западно-централните планини на Ајдахо, со потенцијал за грмотевици и обилни врнежи локално.
Бурата Хилари најпрво го погоди пацифичкиот брег на Мексико како ураган, каде што предизвика поплави и однесе еден живот, а потоа стана тропска бура што ја погоди Калифорнија во неделата.
Досега, не се пријавени смртни случаи, сериозни повреди или големи штети во американската држава, иако властите предупредија дека постојат ризици, особено во планинските области каде што ерозивните планински падини може да се претворат во лизгање на земјиштето.
Спасувачите во пустинската заедница на Катедрал Сити, во близина на Палм Спрингс, го поминаа патот низ калта до поплавениот дом за стари лица и спасија 14 жители на објектот, изјави началникот на пожарникарите Мајкл Контрерас.
Помеѓу неделата навечер и понеделникот попладне, вкупно 46 луѓе беа спасени од кал и поплавени области, рече Контрерас.