Четири милиони денари ќе бидат пренасочени од Општина Куманово кон Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ за поправка на градежна машина која ќе се користи за чистење на депонијата „Краста“ на која е активен пожар.
На денешната седница директорот на ЈП „Чистота и зеленило“, Сашо Томиќ истакна дека се потребни четири милиони денари за санација на багер кој работи на депонијата.
Според неговите зборови во санација на Краста учествува градежна машина на приватна компанија, но тоа засега не е доволно, а бараната помош од државните институции не била одобрена.
Советот првично изгласа препорака да се издвојат два милиони денари за да се санира машината, по што беше закажана и вонредна седница на која се изврши пренамена на буџетски средства во износ од четири милиони.
– Секторот за финансиски работи и прашања по предлог на градоначалникот одлучи да пренамениме двојно повеќе средства, значи средства од програмата Ј6 односно од програмата одржување и заштита на локални патишта, улици и автопати и тоа во износ од четири милиони денари, појасни раководителката на секторот Фросина Милковска.
За попладнево е закажана вонредна седница на Општинскиот штаб за заштита и спасување, а месното население на селото Пчиња за утре најави блокада на депонијата.
Никола Ивановски

