Противпожарните екипи од Куманово ќе ги насочат сите расположиви сили кон депонијата „Краста“, каде што продолжува да гори отпадот, а во санацијата ќе биде вклучена и дополнителна градежна механизација.
Ова беше одлучено на денешната седница на Општинскиот штаб за заштита и спасување, на која главна тема беше состојбата со пожарот на депонијата.
Градоначалникот Максим Димитриевски информираше дека кумановските противпожарни екипи досега биле ангажирани и на територијата на соседната Општина Липково, но сега ќе бидат пренасочени кон „Краста“.
– Од денеска нашите противпожарни екипи со сите свои расположиви сили ќе делуваат во депонија Краста да го неутрализираат огнот и дополнително големото димење и испарување на сето она што согорува, за да може да се остави простор веќе од утре да делуваме со градежна оператива и булдожери кои што ќе нанесуваат нов слој на земја, изјави Димитриевски.
Според градоначалникот, дел од потребните количини земја веќе се донесени на депонијата, а Општината преку соработка со општествено одговорни компании обезбедува и дополнителна механизација.
Денеска на „Краста“ пристигнал еден багер од компанија од Куманово, додека уште еден се очекува да пристигне од Скопје.
– Во меѓувреме денеска изутрина стигна еден багер од општествено корисно компанија од Куманово, на пат е уште еден багер од Скопје, ние со наши возила секојдневно вршиме дотур на земја, специјални кипери, имаме и од други компании“, изјави директорот на ЈП „Чистота и зеленило“, Сашо Томиќ.
Екипите на јавното претпријатие, заедно со противпожарната бригада, продолжуваат со гаснењето и со нанесување земја врз жариштата.
– Работиме заедно во корелација со противпожарна бригада со наши и нивни цистерни секојдневно секоја вечер истураме вода, но секако дека ни недостасува багер, од денеска го имаме, ќе стигне уште една машина, ќе носиме деновиве наноси, ќе вршиме тампнирање слој по слој на депонијата која е исклучително голема површина, рече Томиќ.
Тој посочи дека теренот на депонијата е специфичен и на одредени места тешко пристапен за возилата, што дополнително ја отежнува санацијата.
– Не се работи за мала површина, на одредени места и непристапен е патот со наши возила или на компаниите, се трудиме и работиме и мислам дека во многу скоро време проблемот ќе успееме да го санираме“, додаде директорот на ЈП „Чистота и зеленило“.
Димитриевски очекува пожарот и последиците од него да бидат ставени под контрола во наредните денови.
„Јас очекувам во следните два дена дека ќе се надмине овој проблем“, изјави градоначалникот.
Во меѓувреме, жителите на село Пчиња за утре најавија блокада на депонијата поради состојбата со пожарот и чадот.
Димитриевски рече дека го разбира револтот на населението и дека никој нема да биде спречен да го искористи правото на протест.
– Право на протест е демократско право кое што произлегува од Уставот и јас како градоначалник не можам тоа да го коментирам. Јас ја почитувам волјата на граѓаните, рече тој.
Според него, проблемот со „Краста“ е децениски и трајното решение треба да биде затворање на постојната депонија и реализација на проектот за нов систем за управување со отпадот.
– Депонијата Краста е децениски проблем од некаде седум и повеќе децении на овие простори, не само коишто ја покриваат општина Куманово туку и целиот регион и овој проблем ние се обидуваме како локална самоуправа да го решиме трајно.
На денешната вонредна седница на Советот на Општина Куманово беше донесена и одлука за пренамена на четири милиони денари за санација на градежната машина на ЈП „Чистота и зеленило“, која треба да биде ставена во функција за одржување и санација на депонијата „Краста“.
Средствата ќе бидат обезбедени преку пренамена од општинскиот буџет, со цел претпријатието да добие дополнителна функционална механизација за интервенции на депонијата.
Никола Ивановски

