Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека планира да воведе реципрочни царини за многу земји следната недела, што е негов последен потег во обид да ги преобликува глобалните трговски односи во корист на Америка.
Трамп не кажа кои земји ќе бидат погодени, но посочи дека тоа ќе биде широка мерка што може да помогне во решавањето на буџетските проблеми на САД.
„Следната недела ќе објавам реципрочна трговија за да имаме еднаков третман со другите земји“, рече Трамп.
„Ние не сакаме ништо повеќе и ништо помалку“, додаде тој.
Трамп ѝ се закани на Јапонија со царини
Овој потег ќе го исполни предизборното ветување на Трамп за воведување царини за увезените производи со истите стапки што трговските партнери ги наметнуваат на американскиот извоз.
Трамп го соопшти ова за време на состанокот со јапонскиот премиер Шигеру Ишибаши во Белата куќа.
Трамп ѝ се закани на Јапонија со царини бидејќи Токио има трговски суфицит од 68,5 милијарди долари со САД, но јапонскиот премиер избегна отворена трговска војна нудејќи му отстапки на американскиот претседател.
Ишиба вети дека ќе ги зголеми јапонските инвестиции во САД на трилион долари и ќе увезе течен природен гас, етанол и амонијак произведени во САД.
„Тоа е многу добар одговор. Тој знае што прави“, рече Трамп.
Двајцата водачи, исто така, ветија дека ќе соработуваат на безбедносно и економско ниво за да се спротивстават на Кина.
На почетокот на неделата, Трамп се повлече од воведувањето царини за Мексико и Канада по бројните најави, но тарифите за Кина стапија на сила, што доведе до реципрочна мерка од Пекинг.