Американскиот претседател Доналд Трамп во неделата изјави дека реципрочните царини што ќе ги објави оваа недела ќе ги опфатат сите земји, а не само помала група од 10 до 15 земји со кои САД имаат најголем трговски дисбаланс.
Трамп вети дека во среда ќе го претстави сеопфатниот тарифен план, нарекувајќи го денот „Ден на ослободувањето“.
Тој претходно воведе царини за алуминиум, челик и автомобили, а ги зголеми и царините за увоз на сите стоки од Кина, потсетува Index.hr.
Трамп ги гледа тарифите како начин да се заштити домашната економија од нелојална глобална конкуренција и преговарачка алатка за подобри услови за САД.
Сепак, загриженоста за трговската војна ги затресува финансиските и стоковите пазари и ги зголемува стравувањата од рецесија во САД.
Значителен пад на Волстрит
Во последните недели цените на акциите на Волстрит и на другите големи светски берзи драстично паднаа поради неизвесноста околу овие царини и стравувањата од ескалација на трговската војна, бидејќи бројни земји, меѓу кои Кина, Канада и ЕУ, најавија контрамерки.
Трамп рече дека ќе воведе серија реципрочни тарифи против земјите кои воведуваат царини за увоз на американски производи и вети дека ќе ги усогласи тарифите на тие земји.
Трамп во февруари потпиша меморандум со кој им наложува на американските официјални лица да ги анализираат трговските односи со сите земји и да состават листа на приспособени контрамерки.
Минатата недела тој навести дека може да ги ублажи своите планови, можеби правејќи исклучоци во некои случаи или наметнувајќи пониски царини од оние што тие земји ги наплаќаат за увоз од САД.
Неодамна, Белата куќа соопшти дека тарифните планови би можеле да таргетираат 10 до 15 земји со кои САД имаат најголем трговски дисбаланс.
Но, сега Трамп повторно вели дека реципрочните царини би можеле да влијаат на сите земји.