Претседателскиот кандидат на Републиканската партија Доналд Трамп се уште не објавил целосен извештај за неговата моментална здравствена состојба, а не го објавила ниту неговата ривалка од Демократската партија Камала Харис, иако до изборите во САД остануваат само уште два месеци, јави Танјуг од Си-Би-Ес.
На 20 август, Трамп (78) во интервју за CBS News изјави дека неодамна имал годишен физички преглед и дека со задоволство би ги објавил резултатите.
Додаде и дека направил два когнитивни теста на кои, како што рече, блескал, но неговата кампања не ги објави тие резултати.
Раната на увото на Трамп зарасна
Во ноември 2023 година, Трамп објави писмо од неговиот лекар Брус Аронвалд, во кое се наведува дека комплетниот преглед од септември истата година покажал дека неговото целокупно здравје е одлично.
Во писмото, сепак, нема конкретни детали за виталните параметри и нема информации за лековите што Трамп ги зема.
Кампањата на Трамп, исто така, не им дозволи на медиумите да поставуваат прашања на неговите лекари по обидот за атентат врз него во Пенсилванија.
Републиканецот Рони Џексон, кој му бил доктор додека бил во Белата куќа, на 26 јули објавил меморандум во кој наведува дека ги прегледал извештаите од болницата и дека на Трамп му оди добро по нападот.
Самиот Трамп изјави дека по нападот нема никакви последици и дека раната на увото му зараснала.
Малку детали и за Харис
Многу малку се знае и за медицинското досие на Камала Харис, бидејќи таа не ги достави резултатите од прегледот кога се кандидираше за потпретседател во 2020 година.
Во април 2022 година, таа имаше КОВИД и земаше паксловид за да заздрави, а во јули 2021 година беше во Воениот медицински центар Волтер Рид на, како што рече Белата куќа, рутински преглед.
Кампањата на Харис не одговори на повеќекратните прашања од CBS News за резултатите од нејзиниот годишен физички.
Во текот на изминатите децении, стана вообичаено претседателските кандидати да објавуваат некои информации за нивното здравје и способноста да ги извршуваат своите должности, а оваа практика беше делумно усвоена поради голем број претседатели кои имаа здравствени проблеми кои беа откриени дури подоцна.