Кумановскиот театар ја претстави програмата за периодот од 11-ти до 16-ти декември, кога ќе бидат изведени неколку претстави на сцената на оваа културна установа.
„Жена од минатото“, според текст на Роланд Шимелфениг, а во режија на Нела Витошевиќ ќе биде одиграна утре со почеток во 20 часот.
Темите за осаменоста, отуѓеноста, рушењето на интегритот на поединецот, влијание на случувањата од минатото врз иднината, непостоењето на етички норми и принципи, неснаодливоста во ова време се доминантни во драмата „Жена од минатото“.
Актерската екипа ја сочинуваат: Александра Пешевска, Игор Ангелов, Јасмина Василева, Марко Трајковиќ и Нина Максимова.
Претставата „Аудиенција“ на репертоарот ќе се најде на 12-ти декември. Текстот е на Вацлав Хавел, а во режија на Мирослав Петковиќ. Почетокот на претставата е од 20 часот.
„Аудиенција“ е драма во еден чин на чешкиот писател Вацлав Хавел, со строг и дрзок текст кој отворено го критикува општеството. Главните и единствени ликови се Сладек, млад новопечен газда, шеф во пивара, кој е веќе на скалилото на хиерархијата и Вањек, талентиран писател прекинат во жарот на творењето, тркалач на буриња во пиварата, претставник на работничката класа, човек кој не работи во својата професија.
Актерска екипа е составена од кумановските познати актери Горан Илиќ и Чедомир Митевски.
„Идиоти“ според едночинките на Муза Павлова, а во режија на Мирослав Петковиќ ќе се игра на 14-ти и 15-ти декември, односно понеделник и вторник со почеток во 20 часот.
„Идиоти“ од Муза Павлова, која е на еден начин „мала но голема“ драма, добива во своето значење бидејќи во неа дејствијата престануваат да бидат „слики“ и „приказни“ од Запад или Исток, туку стануваат сеопшти и „своина“ на сите нас. Искуство без идејни, временски, идеолошки или какви било ограничувања.
Актерска екипа ја сочинуваат: Александра Михајловска, Мартин Лазаревски, Владо Дојчиноски и Марко Трајкови
Серијата претстави ќе заврши со драмата „Зад кулисите“работена според текст на Мајкл Фрејн, а во режија на Билјана Радиноска. Истата ќе се игра на 16-ти декември со почеток од 20 часот.
Претставата е комична драма на Мајкл Фрејн за еден театарски ансамбл, „собран“ и „составен“ да создаде профитабилна претстава, но нивните лични мотиви, љубовни врски, амбиции и фрустрации го водат овој обид во сè поизвесен крах.
Актерската екипа ја сочинуваат: Мартин Лазаревски, Нина Максимова, Кети Дончевска Илиќ, Горан Илиќ, Антонио Пешевски, Александра Пешевска, Александра Михајловска, Јасмина Василева, Марко Трајковиќ, Новко Петрушевски, Надежда Булатовиќ, Добринка Петрушевска, Славко Костовски, Љубица Кузмановска, Стојче Митевски, Калина Бошковска, Стевчо Китановски и Слободанка Димовска.
Картите може да се набават на билетарницата на Театар Куманово.