Во целосно реновирната комитетска сала, денеска во присуство на лидерот на опозицијата Зоран Заев, амбасадори, конзули, дипломати, гости од збратимени градови, претставници на верските институции, членови на општинската администрација и советници се одржа свечена седница по повод Денот на ослободувањето на Куманово.
[huge_it_gallery id=”229″]
Свеченоста започна најпрвин со химната на Република Македонија, а прв свое обраќање пред присутните имаше претседателот на Советот на општина Куманово, Максим Димитриевски.
Димитриевски се осврна и на терористичкиот акт од 9-ти мај и притоа изрази почит кон сите оние кои се борат за зачувување на стабилноста и безбедноста на Куманово.
Кога на запад се чествуваше Денот на Европа, а на исток се чествуваше победата над фашизмот, во Куманово на 9-ти мај се случи терористички акт. Дводневна војна која однесе осум човечки животи и над 30 повредени. Во име на советот и мое лично име, им искажувам почит на сите овие наши херои им одавам признание – истакна Максим Димитриевски.
На седницата беше емитуван и видео запис со настани и личности кои ја одбележаа 2015 година во Куманово, а меѓу другото акцентот е ставен на сите полиња од културата, политиката, бизнисот, спортот, но и акциите од Диво Насеље и кризата со мигрантите.
Главното обраќање го имаше првиот човек на градот, градоначалникот Зоран Дамјановски кој даде историски осврт на градот и истакна дека Куманово со гордост го одбележува овој ден.
Свеченоста беше збогатена со настапот на градскиот женски хор со изведба на неколку музички нумери.