Србија испраќа хеликоптер за да ѝ помогне на Шпанија во гаснењето на пожарот

Сподели со своите пријатели

Србија понуди хеликоптер „супер пума“ за да помогне во гаснењето на големите шумски пожари во Шпанија и наскоро ќе биде вклучен во операциите за гаснење, објави шпанското Министерство за внатрешни работи.

Според извештаите, хеликоптерот ќе биде вклучен во операциите за гаснење пожари, кои се најизразени во покраините Авила, Мадрид, Толедо и Кастељон, објавува шпанскиот „Ел Паис“.

Српската помош се надоврзува на поддршката испратена до Шпанија преку Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија, во рамките на кој помош веќе обезбедија Грција, Италија, Португалија и Турција, објавува РТС.

Меѓународната помош веќе е распоредена на терен и вклучува два противпожарни авиони „Канада“ и еден авион за поддршка испратени од Грција, 14 членови на службите за итни случаи и два авиони „Канада“ од Италија, како и 129 членови на службите за спасување и 41 возило за итни интервенции обезбедени од Португалија.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Рачно изработена бомба експлодираше пред Министерството за правда на Филипините

Големите шумски пожари што ги зафатија шпанските региони Авила, Мадрид и Толедо принудија околу 90.000 луѓе да се евакуираат или да се самоизолираат, додека пожарот во Авила стана најголем во поновата историја на Шпанија, со околу 50.000 хектари изгорена површина, објавува „Ел Паис“.

Пожарите се уште се активни, а гаснењето е отежнато од силните налети на ветер.

Иако беше забележано одредено подобрување во текот на викендот, противпожарните служби предупредуваат дека ситуацијата останува сложена и дека пожарите сè уште не се целосно под контрола.