Германија е добро подготвена за претстојната зима и за случајот со недостиг на руски гас, истакна денеска германскиот канцелар Олаф Шолц.
Пред состанокот на германската влада во замокот Мезеберг, Шолц изјави дека сите се погодени од последиците од војната во Украина.
Тој најави дека на владината седница најпрвин ќе се разговара за безбедносната состојба и дека е предвидена расправа за националната безбедносна стратегија.
„По дискусијата за безбедносната ситуација, ќе ги разгледаме последиците од војната за снабдувањето со енергија, како за Германија, така и за Европа“, објасни тој и додаде дека Германија рано започнала со подготовките за можни проблеми со снабдувањето.
„Во декември го прашав министерот за економија што ќе се случи ако нема испорака на гас од Русија. Бидејќи толку рано почнавме со подготовките, брзо ги донесовме неопходните одлуки за да ја пребродиме претстојната зима“, уверен е Солц.
Тој изјави дека забрзано напредува изградбата на нови терминали за прием на течен нафтен гас и дека складиштата за гас се полни.
„За разлика од лани, сега имаме над 80 проценти исполнетост. Ќе продолжиме да полниме магацини“, нагласи тој.
Тој истакна дека измените во законот овозможиле рестартирање на електрани на јаглен со цел да се заштеди гас и дека во моментов се анализира дали има смисла да се продолжи животниот век на нуклеарните централи.
„Сите овие мерки придонесоа да се најдеме во подобра ситуација отколку што се појави пред неколку месеци. Ние се подготвивме“, заклучи Шолц.
Сите информации за економско-енергетската криза во светот можете да ги прочитате ТУКА.