МКК Куманово со пораз го отвори стартот на 35. кошаркарско првенство (ФОТО)

Сподели со своите пријатели

Учесниците на Суперкупот „Драган Василов – Цевка“, екипите на МЗТ Скопје Аеродром и МКК Куманово, ја имаа честа да ја отворат 35. првенствена сезона, сега во рамките на Суперлигата.

 

 

Во Спортскиот центар „Јане Сандански“, бранителот на титулата одигра одлична втора четвртина, во која направи убедлива предност. Кумановци најавија враќање по одморот, а во последниот период стигнаа и до едноцифрена негатива, но домаќинот успеа да го задржи водството и да слави.

 

 

По израмнетата прва четвртина, во која двете екипи постигнаа по 19 поени, следуваше одличен период за скопските „сино-бели“.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  МРК Куманово денеска ќе ги одмери силите со Еурофарм Пелистер 2

Во втората четвртина, МЗТ Скопје Аеродром постигна дури 33 поени, наспроти 19-те на гостите, па на полувремето домаќинот замина со убедлива предност од 52:38.

 

 

По одморот, кумановските „сино-бели“ заиграа многу подобро, особено во одбраната. Гостите во третата четвртина постигнаа 20, а примија само 11 поени, со што негативата ја намалија на 58:63.

 

 

Избраниците на Марин Докузовски продолжија со притисокот и на почетокот на последниот период успеаја да се доближат на само три поени – 62:65.

МЗТ Скопје Аеродром, сепак, брзо одговори и по тројката на Дамјан Стојановски повторно се одвои на 68:62, по што Докузовски побара тајм-аут.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Втор третман против глодари и бубашваби следната недела во Куманово

 

 

Кумановци не успеаја веднаш да одговорат, па домаќинот во еден момент стигна и до двоцифрена предност – 77:66. Но, гостите не се предадоа. Со серија во финишот успеаја да намалат на 71:77, нешто помалку од три минути пред крајот.

 

 

Во последната минута, МЗТ имаше предност од 81:75, а Стајиќ со две погодени слободни фрлања намали на 77:81. Кумановци, сепак, немаа тимски бонус, што му овозможи на домаќинот да го контролира поседот и да потроши драгоцени секунди во завршницата.

 

 

До крајот, МЗТ Скопје Аеродром ја зачува предноста и со 85:77 ја запиша првата победа во новата сезона на МТЕЛ Суперлигата.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  МРК Куманово денеска ќе ги одмери силите со Еурофарм Пелистер 2

Кај домашниот состав,петмина кошаркари имаа двоцифрен број поени. Најефикасни беше новајлијата Ворнер и Тадиќ со по 15 поени, Лука Стојановски додаде 13 поени и четири скока, додека Дамјан Стојановски и Маслинко завршија со по 10 поени.

 

 

Во гостинскиот состав, Мекиќ имаше одлично поентерско деби, со 24 поени, шест скока и шест асистенции. Стајиќ постигна 13 поени, со три скока и три асистенции, Гуден додаде 11. поени (и три скока), Стевановиќ натпреварот го заврши со 10 поени и три скока, а Ѓуроски имаше девет поени и девет скока.

 

 

 

 

 

фото: Давид Живковиќ