Пазарот за стари работи во Куманово, познат како „бувљак“ би можел да се дислоцира од сегашната локација кај добиточниот пазар.
Како што изјави градоначалникот Максим Димитриевски одговарајќи на новинарско прашање, локацијата не ги исполнува условите ниту за паркинг, ниту пак е наменета за такво нешто.
– Имаме делумно импровизиран паркинг простор кој е под владение на ЈП „Пазаришта“ кој не ги задоволува потребите на тој пазар кој вие го нарековте „бувљак“, но всушност тоа е сточен пазар во градот, кој работи два дена и многу повеќе е се, отколку за основната намена, вели Димитриевски.
Се бараат алтернативни решенија, вели првиот човек на градот, а една од опциите е, пазарот за стари работи да биде дислоциран на Спортскиот аеродром Аџи Тепе.
– Како и да е се бараат алтернативни решенија, тој пазар кој е тука лоциран во иднина да биде дислоциран на друга локација. Една од можните локации е аеродромот Аџитепе за времена намена за организирање на таков пазар, за да може да се растерети овој овде за да биде во функција за тоа што е наменет, а тоа е сточен пазар, изјави Димитриевски.
Инаку, пазарот за стари работи е доста популарен кај граѓаните, таму се продава „од игла до локомотива“, па се прави и голем метеж кој го попречува нормалното движење на пешаците кои гравитираат во населбата Којнаре, каде истиот се наоѓа.
Никола Ивановски