Во тек е четвртата фаза од целосната реконструкција на Театар Куманово, информираат од Центарот за култура Трајко Прокопиев.
За оваа четврта фаза, според директорот Сашо Тодоровски, се одобрени 10 милиони денари од кои нешто над седум милиони ќе се искористат за да се завршат работи во внатрешноста на зградата.
– Во економскиот дел од театарот, ќе се поставува внатрешна, пластична столарија, ќе се малтерисува, глетува и ќе се поставуваат керамички плочки и санитарија во тоалетите, изјави Тодоровски.
Реконструкцијата ќе трае и следната година, кога ќе се менува кровот и сценската кула, бидејќи за следната година се предвидени и повеќе пари.
– Со цел да се искористи внатрешното, градешно скеле, непосредно по замена на кровната конструкциха ќе се спроведуваат и инсталации од фазите: електротехника и термотехника во таванскиот, поткровен простор. Со поставување на жардениерите во иднина, во источниот дел, ќе се овозможи облагородување со зеленило и цветни садници на просторот околу театарот. Со тоа на посетителите, вработените во театарот и на учениците од околните училишта ќе им се овозможи пријатност крај природно оформена средина која во одредена мера ќе ја намали огромната бетонска и асфалтирана површина која се наоѓа околу овие општествени објекти, појаснува директорот Тодоровски.
Театарот ќе биде достапен и за ранливите категории граѓани, бидејќи е поставена рампа на влезот и излезот од објектот.
Направени се и нови одделни гримиорни за актерите.
– Порано, актерите од двата ансамбла користеа иста гримиорна што беше и сала за читачки проби. Сега, со копањето внатрешно во театарот, во високиот простор извадивме уште едно ниво и направивме одделни гримиорни, за женски и машки со тоалети, сето тоа достојно со цел да се подобрат условите за излез на сцена и да им се овизможи достоинствено да се подготват за актерската игра, додава Тодоровски.
Оформени се и простории за техничкиот персонал со тоалети, како и засебна сала за читачки проби и чајна кујна.
– Со сите интервенции досега, како и во иднина, ќе се обидеме културата и уметноста да ги подигнеме на повисоко ниво, да им ја зголемиме вредноста и достоинството кое треба да го имаат и ги заслужуваат, вели директорот.
За следната година се предвидени 60 милиони денари, пари што ќе се искористат за промена на кровната конструкција и системите за греење и ладење.
Последната фаза од реконструкцијата се очекува во 2026 година за кога се предвидени 83,6 милиони денари за сценски технологии со кои ќе се добие модерна и акустично опремена сала по сите светски стандарди.
Никола Ивановски