СДСМ Куманово ги елиминира Димитриевски и Мургашанска од кандидатура за членови на Централен одбор на партијата

Сподели со своите пријатели

Актуелниот градоначалник на Куманово Максим Димитриевски и претседателката на Советот Атина Мургашанска се елиминирани од кандидатурата за нови членови на Централниот одбор на СДСМ, дознава Кумановски Муабети од внатрепартиски извори.

Loading...

Од внатрепартиски извори од СДСМ Куманово дознаваме дека денеска на општинска конференција при гласање за нови кандидати се елиминирани и истакнати луѓе од партијата блиски до Димитриевски и Мургашанска.

Како што вели нашиот ивор, поминале повеќе предлози меѓy кои Оливер Спасовски (актуелен министер на МВР), Мартин Костовски и Лидија Тасевска (актуелни пратеници во Собрание на РСМ) и други кандидати блиски до Спасовски и Костовски.

На самата конференција имало жестока дебата помеѓу делегатите со низа нерегуларности спротивни на статутот и деловникот, одземање и прекинување на збор, недозволување на реплики, а дури се зборува дека и градоначалникот Димитриевски во неколку наврати бил прекинат од страна на претседавачот на конференцијата по што истиот обвинил за недостаток на демократски капацитет на актуелното раководство и ја напуштил седницата која се одржувала онлајн.

– Големи критики беа упатени кон актуелниот претседател на СДСМ Куманово и актуелен пратеник во Собранието кој во соработка со Спасовски и блиски луѓе до него ја приватизираа партијата и ја трансформираа во акционерско друштво на нивни блиски луѓе. Дел од делегатите обвинија за непринципиелност и непотизам во Општинската организација на СДСМ и лошите изборни резултати во Куманово на претседателските и парламентарните избори. Онлајн беа присутни 82 луѓе, а други 20 кои велат дека биле присутни во партиските простории не се видени воопшто, што се случува во СДСМ Куманово. Недостасуваа 40 луѓе што е околу 30%. Целата конференција дава многу сомнеж дека е легитимна со самото гласање, вели нашиот извор.

Се обидовме да го контактираме Димитриевски, кој одби да дава коментари и само кусо рече дека во внатрепартиски процедури ќе се расправа за постапката.

Став побаравме и од претседателката на Советот на Општина Куманово, Атина Мургашанска, но иако првично рече дека ќе не побара за кратко, подоцна не одговараше на нашите повици и пораки.

Од самиот врв на ОО на СДСМ за Кумановски Муабети велат дека на 16ти мај ќе се одржи конгрес каде ќе се избира централен одбор со 120 кандидати. Досега од Куманово како членови биле Оливер Спасовски, поранешниот градоначалник Зоран Дамјановски, актуелниот Максим Димитриевски и Александар Арсиќ.

Loading...

– Имавме околу 30 состаноци на месните одбори со над 5.200 членови и се даваат предлози, врз основа на нив поднесовме листа од 12 лица предлози од Куманово, шест мажи и шест жени, од кои 30 отсто помлади од 32 години. Денеска се одржа конференција и таа листа беше поддржана. Имаше предлог од Атина Мургашанска, таа, Максим Димитриевски, Даниел Стојчевски и Ивана Николиќ да бидат на листата, но предлогот велат од раководството на ОО СДСМ Куманово, не бил прифатен.

Нашите извори велат дека токму градоначалникот Димитриевски добил најголема подршка од членството на СДСМ во Куманово по месните одбори, но сепак конференцијата која била строго контролирана од Костовски и Спасовски не го послушала мислењето на членството.

Незадоволните членови најавуваат внатрепартиска постапка за поништување на ваквите одлуки, а по потреба и замрзнување на членството во партијата.

Дали централата на СДСМ расчистува со непослушните функционери во сопствените редови е новото прашање кое се отвора.

Несогласувањата на Димитриевски со раководството на СДСМ и тоа со Оливер Спасовски кое е табу тема во градот но и различните ставови по многу прашања со лидерот Зоран Заев датираат подолго време. При обидот за набавка на реагенси во Министерството за здравство од фантом фирма Димитриевски беше прв кој реагираше уште во 2018та, подоцна при идејата за промена на половите на маргинализираните заедници на сметка на фондот Димитриевски се спротивстави со предлог тоа да оди исклучиво на сопствена сметка на иницијаторот, одземањето на ингиренциите на локалната самоуправа над детските градинки во Куманово се случи при обид на Димитриевски да постави нов директор во градинките по истекот на третиот мандат на актуелната директорка за која имаше сериозни обвинувања од страна на советниците за нејзиното финансиско работење. Барањата за воведување карантин за Куманово како мерка за заштита на граѓаните во почетнатана фаза на ковид епидемијата тогаш беше одбиена од техничката влада, а Димитриевски и дел од членовите на Општинскиот штаб за заштита и спасување завршија со позитивен тест и самоизолација при што неколку дена подоцна Димитриевски и некои од нив објавија дека тестовите што ги направиле на сопствен трошок се негативни за што беше и кривично гонет од Министерството за внатрешни работи, но Основното јавно обвинителство Куманово ја отфрли пријавата како неоснована.

Последното несогласување на Димитриевски со ставовите на лидершипот кулминираше на бугарското прашање кога Димитриевски отворено се спротивстави на тогашните ставови на Зоран Заев за БГнес.

Какви последици ќе предизвика ваквиот однос на СДСМ Куманово на претстојните локални избори во Куманово останува непознаница знаејќи дека на последната анкета на МЦМС Димитриевски беше најдобро рангиран градоначалник од редовите на СДСМ според мислењето на граѓаните во целата држава, а воедно на сите анкети во градот ужива и висока подршка од граѓаните на Општина Куманово и убедливо води пред сите останати политички авторитети.

Leave a Reply