Социјалдемократскиот Сојуз денеска до Јавното обвинителство ги предаде нивните доказите за како што вели Зоран Заев, конструираните случаи Пуч и Поткуп.
Нема докази за извршено насилство кон претставници на највисоки државни органи и шпионажа, туку напротив има насилство врз уставниот поредок на Република Македонија од страна на Никола Груевски, Сашо Мијалков и група лица околу нив, истакна Заев пред Јавното Обвинителство.
– Доказите содржат повеќе од 100 илјади разговори во транскрипти, повеќе од 18 илјади СМС пораки во транскрипти, повеќе од 12 илјади различни телефонски броеви само во транскрипти. Да појаснам, се работи за материјал преточен во транскрипти. Повеќе од 20 илјади граѓани се прислушувани во Република Македонија. Материјалите коишто ги доставуваме се повеќе од 10 илјади страници како материјален доказ во оваа постапка. Материјални докази доставуваме плус за конкретните оператори, кои се вработени и го воделе системот на прислушување, телефонските броеви што се таргети во системот на прислушување, псевдоними на сопственици и корисници на телефонските броеви, регистрација на локацијата на телефонските броеви, периодот на контрола и слично.
СДСМ денес достави и наводни материјални докази за фазата на систекмот на контрола на комуникациите, сопственост на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, којшто се вика репродукција, објасни Заев.
– Репродукцијата на содржините на телефонските разговори, вкупно повеќе од 1600-тини страници, се материјали коишто биле наменети за краен корисник. Тие материјали се телефонски разговори во транскрипција, вршена анализа и репродукција: од опозиционери, од новинари, невладини организации, интелектуалци, односно вкупно, за критички настроени граѓани кон власта. Доставивме и 385 аудио разговори, коишто досега опозицијата ги објави на своите прес конференции и доставивме уште 13 аудио разговори коишто досега не се објавени, но со нивното слушање се гледа кој тоа навистина прислушувал во Република Македонија и како тоа се штител системот на контрола на комуникациите од страна на оние кои се одговорни за да го контролираат, да управуваат со оној систем на следење и контрола на комуникациите во Република Македонија.