Агенцијата за вработување на Република Македонија во соработка со приватните фирми и Центарот за вработување во Куманово на денешниот втор по ред ”Саем за вработување” ги презентираа можностите и активните понуди за работа како обид да се намали големата невработеност во градот.
Од вкупна бројка на 19 444 регистрирани невработени лица, од кои 10 550 активни и 8900 неактивни баратели на работа, преку минатогодишниот Саем за вработување, од Куманово во приватни фирми, работа најдоа 135 лица, соопшти денес директорот на АВРМ Влатко Поповски.
“Се бараат кадри од техничките науки, луѓето кои се од занаетската сфера, кои се добро обучени да работат со машини и постројки. Јас се надевам дека овие наши придонеси ќе придонесат младите да одберат соодветно образование со кое ќе бидат вработени, а не невработени. Јас се надевам дека денешниот ден ќе биде успешен како и ланскиот саем кога беа вработени 135 лица“- изјави Поповски.
На денешниот Саем за вработување, запрашан за тоа до каде е проектот за вработување на кумановчани во приватната компанија Веибо Груп во Ранковце, Поповски вели дека не знае зошто се создал застој на тој план.
-
Од тоа што го знам за Веибо Груп е дека во моментот, групацијата се шири во Крива Паланка, бројката стигна над 800 – тини, со план до февруари, таа бројка да стигне некаде до 1000, и се надевам дека ќе започнат со инвестиции, но од онаа што беше планирано има мал застој, а зошто е тој застој не можам да ви кажам затоа што не знам, но знам дека во Ранковце се бараат дополнителни вработувања што е добро, затоа што ќе се вработат повеќе луѓе, вели Поповски.
Директорот на Центарот за вработување во Куманово, Милорад Тренчевски на денешниот саем ја потенцираше важноста за воспоставување на контакт на релација работодавачи и активни баратели на работа преку директен контакт и приложување на професионални работни биографии.