САД воведоа нови санкции во четврток против пет кубански компании и Фидел Ернесто Кастро Калис, внукот на поранешниот кубански претседател Раул Кастро, како дел од зголемениот економски притисок од страна на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп врз комунистичката влада во Хавана.
Министерството за финансии на САД синоќа објави дека ажурираната листа на санкционираните, меѓу другите, ги вклучува кубанската државна банка „Банко Екстериер де Куба“, компанијата „Комерцијал Купет СА“, која се занимава со продажба на гориво и мазива, трговецот на големо со машини „АБАПЕТ“, како и компаниите „ЦЕКСНИ“ и „НИКАРОТЕК“, поврзани со рударската индустрија.
Според Блумберг, на листата се наоѓа и 31-годишниот Фидел Ернесто Кастро Калис, син на Алехандро Кастро Еспино, висок функционер на кубанското Министерство за внатрешни работи, кој беше ставен под санкции на САД во јуни.
Според соопштението од американскиот Стејт департмент, Фидел Ернесто Кастро Калис е санкциониран како возрасен член на семејството на други санкционирани членови на семејството Кастро.
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, изјави дека најновите санкции се дел од политиката на претседателот Трамп насочена кон „слободна Куба“, заедно со демонтирање на финансиските мрежи, репресивниот апарат и структурите на моќ на кубанската влада кои датираат од периодот на семејството Кастро.
Неговиот дедо Раул Кастро, кој има 95 години, беше клучна фигура во Кубанската револуција во 1959 година и ја презеде власта во земјата во 2006 година откако неговиот брат Фидел Кастро се разболе.
Раул Кастро беше претседател на Куба до 2018 година, но дури и потоа задржа значително политичко влијание, пренесува Танјуг.
Другиот внук на Раул, Раул Гилермо Родригез Кастро, кој беше споменат како можен контакт во неуспешните преговори меѓу Вашингтон и Хавана, засега не е опфатен со санкциите.
Од мај, кога го прошири режимот на санкции против Куба, американската администрација воведе казнени мерки против најмалку 86 лица и компании.

