Соединетите Американски Држави, Јужна Кореја и Јапонија силно го осудуваат продлабочувањето на воената соработка меѓу Пјонгјанг и Москва, вклучително и континуираното пренесување на оружје од Северна Кореја во Русија, што ја продолжува војната во Украина, прекршува неколку резолуции на Советот за безбедност на Обединетите нации и ја загрозува стабилноста и во североисточна Азија и во Европа, објави Стејт департментот.
Во соопштението се посочува дека тоа е наведено во заедничката изјава на претставниците на трите земји по нивниот телефонски разговор за последните случувања во односите меѓу Русија и Северна Кореја, пренесува Танјуг.
Високиот американски функционер за Северна Кореја Јунг Пак, заменик министерот за надворешни работи на Јужна Кореја за стратегија и разузнавање Чо Ку-Рае и помошникот министер за надворешни работи на Јапонија за азиски и океански прашања Намазу Хиројуки разговараа телефонски.
„Голема грижа“
Тројцата официјални лица истакнаа дека зајакнувањето на партнерството Русија-Северна Кореја за време на посетата на рускиот претседател Владимир Путин на Пјонгјанг на 19 јуни предизвикува голема загриженост бидејќи се смета дека го загрозува одржувањето на мирот и стабилноста на Корејскиот полуостров и го продолжува страдањето на народот на Украина додека ја брани својата слобода и независност.
„САД, Јужна Кореја и Јапонија ја потврдуваат својата намера дополнително да ја зајакнат дипломатската и безбедносната соработка со цел да се спротивстават на заканите што ги носи Северна Кореја за регионалната и глобалната безбедност и да се спречи ескалација на ситуацијата“, се вели во соопштението.
Се наведува дека заложбите на САД во одбраната на Јужна Кореја и Јапонија остануваат силни, како и дека Вашингтон, Сеул и Токио потврдуваат дека патот на дијалогот останува отворен и дека ја повикуваат Северна Кореја да престане со провокациите и да се врати на преговорите.