Двајца руски шпиони, кои учествуваа во размената на затвореници меѓу Западот и Русија минатата недела, изјавија дека за време на нивниот престој во затвор во Словенија ги посетил припадник на руската надворешна разузнавачка служба СВР.
Според словенечката новинска агенција СТА, словенечката влада одбила да ги коментира тие изјави.
Брачниот пар Артјом Дулчев и Ана Дулчева, кои беа уапсени во Словенија во декември 2022 година под обвинение за шпионажа, во ексклузивно интервју за телевизијата „Русија 1“ по враќањето во Москва, дадоа детали за престојот во затвор.
Дулчев рече дека додека биле во затвор, припадник на руската разузнавачка служба СВР ги посетил за да им пренесе порака дека Русија прави напори да ги ослободи.
На овој начин открил дека лицето од руската амбасада во Љубљана кое ги посетило во затворот всушност било припадник на руската тајна служба СВР, истата служба за која работат, објави денеска словенечкиот портал N1, повикувајќи се на извори.
Шпионите, кои живееле во Словенија со лажни аргентински идентитети, рекле и дека додека биле во затвор, Аргентина сакала да им ги одземе двете деца.
Дулчева рече дека верува оти словенечката разузнавачка служба направила се што можела децата да останат во Словенија, а семејството да остане заедно.
Таа изјавила и дека таа и нејзиниот сопруг чувствувале дека Словенија е под притисок од други земји, пред се од САД.
Според Дулчева, затворските чувари им дозволиле да комуницираат со децата за да им помогнат во домашните задачи.
Брачната двојка ја призна вината на тајното судење пред Окружниот суд во Љубљана и беа осудени на по една година и седум месеци затвор, потврди судот на 31 јули.
Тие се претставија како Лудвиг Гиш и Марија Роза Мајер Муњоз.
Нивна цел во Словенија беше Агенцијата на ЕУ за соработка на регулаторите за енергетика, чие седиште е во Љубљана.