Централниот дел на градот Маријнка во областа Доњецк е исчистен од украински војници, соопштија денеска проруските власти на Доњецката Народна Република.
„Центарот на Маријнка е исчистен од непријателски трупи. Речиси сите висококатници кои беа користени како сериозни утврдени позиции на непријателот се под наша контрола. Остана само мал дел од градот каде што непријателот има можност да ги задржи своите позиции“, изјави вршителот на должноста шеф на ДНР Денис Пушилин за ТВ „Русија-24“, пренесува Тасс.
На 15 декември Пушилин објави дека 80 отсто од градот Маринка е ослободен.
Според него, преземањето на контролата врз градот ќе им овозможи на руските војници да напредуваат во областа Красногоровка, што треба да резултира со прекин на украинското гранатирање на областа Петровски во Доњецк од таа насока, пренесува Тасс, пренесува Танјуг.
„Во текот на изминатиот ден, за време на активните офанзивни акции на Народната милиција на ЛНР, украинските сили претрпеа големи загуби во персонал и воена опрема“, соопшти портпаролот на Народната милиција, мајор Иван Филипоненко.
Тој додаде дека во борбите загинале до 75 украински војници, а уништени се еден тенк, пет оклопни транспортери, две единици артилерија и 17 специјални возила, пренесува Спутник.
Украинските сили во текот на изминатиот ден истрелале 200 гранати и ракети од повеќецевниот ракетен фрлач „Град“, артилерија калибар 155, 152 и 122 мм, како и минофрлачи од 120 милиметри, соопшти Националната милиција на ДНР.
Мета беа областите на седум населби на ДНР. Во гранатирањето загина еден цивил, а четворица се ранети. Оштетени се 27 згради и десет цивилни објекти.
Претседателот на Украина Володимир Зеленски денеска изјави дека неговата земја е подготвена за сите можни одбранбени сценарија против Москва и нејзиниот сојузник Белорусија, во време кога рускиот претседател Владимир Путин патува во Минск, а руските војници стационирани таму се подготвуваат за вежби.
Официјални лица во Киев со месеци предупредуваат дека соседна Белорусија би можела да им се придружи на руските сили и уште еднаш да послужи како лансирна рампа за нов напад и формирање на втор фронт во повеќемесечната војна, пренесува Ројтерс.
„Заштитата на границите, и со Русија и со Белорусија, е наш постојан приоритет. Се подготвуваме за сите можни одбранбени сценарија“, рече Зеленски по состанокот на украинските воени лидери во неделата.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.