Русија: Државјанин осуден на 21 година затвор за пренесување воени податоци

Сподели со своите пријатели

Руски суд осуди руски државјанин на 21 година затвор во колонија на строг режим поради пренесување информации за локациите на руските војници на претставници на организацијата „Легија“, соопшти Федералната служба за безбедност (ФСБ) на Русија, пренесува РИА Новости.

Според ФСБ, осуденото лице дало информации за распоредување на припадници на руските вооружени сили на територијата на Ростовската област на претставници на таа организација, која е забранета во Русија и е прогласена за терористичка организација.

Против него е поведена кривична постапка за обид за предавство и учество во активности на терористичка организација.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Шест лица загинаа во украински ракетен напад врз руско село

Судот го осуди на 21 година затвор, која ќе ја одлежи во колонија на строг режим.

Случајот доаѓа во време на зголемени активности на руските безбедносни служби насочени кон откривање на лица осомничени за собирање и проследување податоци до украинските структури.

Претходно денеска ФСБ објави и дека во Севастопол е уапсен маж под сомнение дека собирал податоци за објектите на руското Министерство за одбрана за украинските специјални служби. Според истрагата, тој извршувал и задачи поврзани со скривалишта каде се наоѓале компоненти за правење експлозивни направи.