Државниот секретар на САД, Марко Рубио, ги оцени разговорите што ги водеа специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, и украинскиот претседател Володимир Зеленски во вторникот во Осло како конструктивни.
Тој потврди дека Виткоф ќе продолжи со дипломатските активности насочени кон завршување на војната во Украина денес во Русија.
Зборувајќи за време на посетата на Индија, Рубио истакна дека разговорите биле позитивни и дека американскиот претставник добил нови предлози што ќе ги пренесе на руската страна.
„Разговорите беа позитивни, без ништо неочекувано или изненадувачко. Со овие идеи, тој сега може да оди во Санкт Петербург и да ги презентира на руската страна. Ќе видиме дали можеме да постигнеме некаков напредок“, рече Рубио, според француската новинска агенција АФП.
Слична оценка претходно изрази и висок американски функционер кој не сакаше да биде именуван. Според него, украинската страна презентирала нови идеи и предлози, кои биле детално разгледани за време на состанокот во Осло.
Тој додаде дека двете страни постигнале напредок во договарањето на заеднички пристап кон соработката со Русија и забрзувањето на дипломатскиот процес.
Иако предупреди дека преговарачите сè уште имаат многу работа, американскиот функционер оцени дека разговорите биле обележани со позитивна атмосфера, тесна соработка и заедничка намера за постигнување сеопфатен и траен мир.

