Рестрикциите на вода во Тунис се закануваат да ја продлабочат кризата во таа земја

Сподели со своите пријатели

Во Тунис се воведени ограничувања за водата поради големата суша што ја погодува земјата четврта година по ред.

Loading...

Државното претпријатие за дистрибуција на вода веќе почна да го прекинува водоснабдувањето секоја вечер од 21 до 04 часот, пишува Гардијан и додава дека Министерството за земјоделство забранило користење на вода за наводнување, полевање зелени површини и други јавни површини и миење коли.

Резервоарот Сиди Салем, кој го снабдува со вода северниот дел на земјата, вклучувајќи го и главниот град Тунис, е исполнет само до околу 16 отсто од својот капацитет.

Тунис во голема мера се потпира на површинските води, што го прави ранлив на недостатокот на врнежи предизвикани од климатската криза.

Во изминатите четири години, медитеранскиот регион имаше топли лета, благи зими и релативно малку дожд.

Се проценува дека температурите низ Тунис ќе се зголемат за 3,8 степени целзиусови до 2050 година, додека врнежите ќе се намалат за најмалку 4 отсто во истиот период.

Проблемот со водоснабдувањето во Тунис го отежнува и тоа што водоводните цевки се стари, а според податоците на Светскиот фонд за природата околу 30 отсто од водата се губи преку истекување пред да стигне до потрошувачот. Голем дел од инфраструктурата е многу стара и датира од 1950-тите.

Посебно влијание ќе има забраната за користење на водата во земјоделството, која сочинува околу 75 отсто од потрошувачката на вода во земјата.

Loading...

Сушата ќе се покаже како „катастрофална“, изјави Мохамед Рјаиби, претставник на синдикатот на земјоделците.

Веќе се предвидува дека годинешната жетва на жито ќе биде само една третина од ланската, а земјоделскиот сектор придонесува со околу 10 проценти од годишниот БДП на земјата.

Владата размислува за копање бунари, десолинизација на морската вода и рециклирање на отпадни води како можни решенија.

Тунис веќе е во криза поради слабата економија, високата невработеност и зголемените трошоци за живот, а се стравува дека прекинот на водата може дополнително да ги разгори социјалните немири.