Рускиот претседател Владимир Путин ги отфрла повиците за мировни преговори со Украина и има намера да ескалира, објави Ројтерс, повикувајќи се на неколку извори блиски до Кремљ.
Изворите велат дека неодамнешните украински напади со дронови врз руските рафинерии за нафта и пристаништа само ја зајакнале неговата решителност да ја продолжи борбата.
Два извори изјавија дека Путин има намера да го ескалира конфликтот, а еден од нив рече дека постои „голема веројатност“ тоа да се случи во наредните месеци, објавува Ројтерс.
Донбас останува главна воена цел на Москва
Трет извор рече дека Путин „силно притиска“ за да ја постигне клучната цел за заземање на преостанатите делови од Донбас што Русија сè уште не ги контролира, и дека Путин неодамна критикувал група советници кои предложиле компромис врз основа на прекин на огнот по сегашните линии на фронтот.
Изворите наведуваат дека Путин верува дека Русија наскоро целосно ќе го окупира Донбас.
Кремљ ги отфрла тврдењата за американската стратегија
Порано во четврток, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Москва смета дека украинската ескалација е погрешен пристап.
Зборувајќи за изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп дека интензивирањето на непријателствата меѓу Русија и Украина би можело да придонесе за побрзо постигнување мир, Песков рече дека Москва не го гледа тоа како враќање на Вашингтон кон политиката на ескалација, туку како погрешна проценка од страна на американската администрација.
„Не гледаме дека САД се враќаат на патот на ескалација на односите со Русија. Напротив, би рекле дека гледаме одредени заблуди кај американската администрација и Белата куќа – заблуди дека ескалацијата и воениот притисок можат да придонесат за мирно решавање на конфликтот“, рече тој, според Танјуг.

