Продажбата на недвижности во Дубаи нагло опадна. „Попуст од 20 до 25 проценти“

Сподели со своите пријатели

Продажбата на недвижности во Дубаи драстично се намали, тврди водечки аналитичар на пазарот, откако војната на Блискиот Исток предизвика нагло забавување на еден од најскапите пазари на недвижности во светот.

Продажбата во градот падна за 19 проценти во мај во споредба со претходниот месец, што е забрзување на падот во споредба со априлскиот пад од 4 проценти, според истражувањето на ValuStrat.

Бројот на трансакции сега е под половина од нивото забележано во истиот период минатата година, според анализата.

„Пазарот на готови недвижности не забележал годишен пад од ваков обем од пандемијата“, рече Хајдер Туаима, раководител на истражувањето на недвижности во ValuStrat, консултантска компанија со седиште во Дубаи, која го следи пазарот од 2014 година.

Луѓето беа привлечени од политиката на нулта данок на доход

Специјална анализа од истражувачката компанија Reidin покажа дека недвижен имот во вредност од 22,5 милијарди дирхами (6,1 милијарди долари) е продаден во мај, што е за 42 проценти помалку отколку во април.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Вработеноста во германскиот индустриски сектор падна на најниско ниво во последната деценија

Тоа е приближно половина од 46,6 милијарди дирхами регистрирани во месецот пред почетокот на конфликтот, според податоците првично објавени од Блумберг.

Дубаи, сместен на источната страна од Арапскиот Полуостров, доживеа бум на пазарот на недвижности во последните години, поттикнат од доаѓањето на луѓе со високи приходи привлечени од политиката на нулти данок на доход, пишува Гардијан.

Но, избувнувањето на војната на Блискиот Исток кон крајот на февруари го потресе пазарот, а во март иранска ракета погоди луксузен хотел во познатата област Палм Џумеира во Дубаи.

Сè уште не е јасно колку брзо пазарот би можел да се опорави ако се одржи мировниот договор меѓу САД и Иран.

„Имаше голема паника во март“

Продавачите на луксузни вили и станови во градот веќе ги намалија своите цени за десетици милиони фунти, според агентите за недвижности.

Јасин Валимула, агент во Дубаи специјализиран за недвижности во вредност од најмалку 10 милиони долари (7,5 милиони фунти), рече дека малкуте преостанати продажби сега се склучуваат со попусти од 20 до 25 проценти во однос на вредностите пред конфликтот.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Финска од САД купува бомби за своите ловци Ф-35

„Во последната година и пол, продадовме недвижности на супер богати клиенти, сите тие сега го напуштија Дубаи. Во март имаше голема паника и ситуацијата не е јасна дури ни денес. Купувачите од Западна Европа сега се повнимателни. Мислам дека ќе чекаат една година, можеби две, во зависност од тоа како ќе се развива ситуацијата“, предвидува Валимула.

„Пазарот се корегира“

Ова претставува силен пресврт за Дубаи, кој минатата година беше најактивниот град во светот во однос на трансакциите со луксузни недвижности.

Меѓународната агенција Најт Френк утврди дека на крајот на 2025 година, во Дубаи се продадени повеќе недвижности во вредност помеѓу 2,5 и 10 милиони долари отколку во кој било друг град во светот, пред Лондон, Њујорк, Лос Анџелес и Хонг Конг.

Во сегментот на недвижности над 10 милиони долари, Дубаи регистрираше 9.050 продажби, во споредба со 6.577 во Њујорк и 3.089 во Лондон. Но, пазарот сега се корегира, верува Валимула.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Германија распоредува два брода во Црвеното Море

„Бројките беа екстремно високи на почетокот, особено во последните две години. Таквото ниво на пазарот во секој случај не беше одржливо. Ќе има корекција на цените, само не знаеме сè уште каков ќе биде нејзиниот ефект додека не добиеме геополитичка јасност“, рече тој.

Свртување кон други светски центри

Во меѓувреме, номадската група на супербогати се свртува кон други светски центри, како што се Милано, Лондон и Сингапур.

Ричард Вејнд од групата за недвижности Cencorp додаде дека многу посредници на некогаш процутувачкиот пазар на Дубаи ќе бидат принудени да затворат.

„Војната беше црн лебед, настан кој беше огромен и брз. Падот на продажбата врши притисок врз помалите агенции кои се појавија на прегреаниот пазар. Пред десет години имаше околу 1.000 брокери, сега има околу 10.000. Тој број ќе се намали“, најави тој.