Повторно се чистат речните корита во градот (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Реката Којнарка од денеска се чисти од градежниот шут и смет кои несовесните граѓани редовно ги фрлаат. Општина Куманово, јавните претпријатија, полицијата и невладините организации, сите се вклучени во чистењето на реката со цел градот да стане подобро место за живеење.

Паралелно со акцијата за чистење ќе се спроведе и едукативно-превентивна акција, односно со делење флаери во Средорек и местата по течението на реките ќе се информираат граѓаните за последиците кои ги оставаат врз околината со несовесното фрлање на сметот и загадување на водите.

– Едноставно Куманово е тоа, наше е, ни припаѓа на сите нам, можеби не можеме преку ноќ да зградиме и да ја реконструираме комплетната инфраструктура која е дотраена со години, но сепак можеме сите заедно како одговорни граѓани да направиме поубаво и почисто место за живеење, затоа ја користам оваа прилика да апелирам до сите граѓани, особено до граѓаните кои што живеат до речните корита, да не исфрлаат градежен шут и друг вид на отпад во речните корита или на диви депонии, едностанво ќе се соочат со дополнителни обврски кои ќе произлезат како резултат на работењето на инспекциските служби, едноставно по оваа акција ќе престанеме да опоменуваме, туку ќе постапуваме репресивно и ќе казнуваме, изјави градоначалникот Максим Димитриевски.

 

Loading...
ПРОЧИТАЈТЕ И:  Димитриевски: Македонскиот е мал народ, но голем во срцето

 

Градоначалникот Димитриевски најави дека инспекциските служби повеќе нема да опоменуваат, туку ќе се пристапи кон репресивни мерки и казнување на несовесните граѓани. Во моментот во општината работат тројца комунални редари, а свесен дека тоа е малку, првиот човек на Куманово ги замолува и граѓаните кои ќе забележат сограѓани како ја загадуваат околината да пријават во општината или полицијата за да може навремено да се реагира.

– Комуналните редари кои работат во склоп на надлежните инспекциски служби во моментов се три и како што знаете тие интензивно работат, но за жал многу е тешко да се лоцира одредено лице кога исфрла било каков вид на отпад, па дури и градежен шут на одредена локација, бидејќи комуналните редари не можат да постигнат на сите места. Затоа соработката со граѓаните е повеќе од неопходна, ако се сеќавате имавме еден случај кај што граѓанин совесен граѓанин снимил несовесна граѓанка како фрла градежен шут во речното корито, таа снимка стигна до инспекциските служби и веднаш се постави и несовесниот граѓанин беше санкциониран, затоа ни е потребна поголема соработка со граѓаните, затоа што општината и МВР не можат физички да го покријат целиот простор на општината.

Како што посочи Димитриевски, преку ЗЕЛС иницира идеја за воведување комунална полиција во општините од Североистокот, кои ќе водат грижа за околината, меѓутоа, потенцира дека за такво нешто се потребни и законски измени.

Чистењето на реките ќе продолжи и во следниот период, а за таквата намена досега не се потрошени финансиските средства предвидени со развојната програма, со оглед дека механизацијата која е ангажирана на терен е од добронамерни компании кои работат како донација за општината.

– Годишно се издвојуваат од 5 до 10 милиони денари за чистење на речните корита, од оваа ставка годинава се уште немаме реализирано средства и се надевам дека по пат на вакви донации ќе постигнеме одреден тип на заштеда што се однесува до успешноста на акцијата верувам дека истата ќе биде успешна и ќе се реализира во текот на овој месец, затоа што водостојот на реките се намалува и поедноставно е да се влезе во речните корита и можеме да ги сочуваме реките во овој временски период, додава Димитриевски.

Паралелно со чистењето на реките продолжува и втората фаза од изградбата на речното корито во градот.

Leave a Reply