Полска размислува да ја затвори границата со Белорусија

Сподели со своите пријатели

Заменик-министерот за надворешни работи на Полска, Павел Јаблонски изјави дека Полска размислува да ја затвори границата со Белорусија поради „реални закани“ кои доаѓаат од таа земја.

Loading...

„Ги разгледуваме сите чекори кои ќе бидат неопходни за заштита на нашата територија, за заштита на нашите граѓани, вклучително и целосна изолација на Белорусија, целосно затворање на границата“, рече Јаблонски во интервју за Си-Ен-Ен.

Тој изјави дека постои „многу реална закана“ од Белорусија бидејќи, како што наведува, некои борци на паравоената група „Вагнер“ веќе се обиделе да се инфилтрираат на полска територија.

Очекуваме дека ќе има повеќе обиди за напад на нашата граница, можеби уште повеќе обиди за нарушување на нашиот воздушен простор“, вели Јаблонски, пренесува Танјуг.

Тој додава дека Белорусија ќе се обиде да покаже дека може да прави „што сака“.

„Распоредуваме сè повеќе војници во овој регион за да бидеме отпорни“, рече Јаблонски, но не прецизираше колку војници досега се распоредени во близина на границата со Белорусија.

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки во саботата изјави дека повеќе од 100 платеници на Вагнер се упатиле кон коридорот Сувалки, нарекувајќи го тоа чекор кон „понатамошен хибриден напад на полска територија“.

Станува збор за коридор долг речиси 100 километри, кој е стратешки важен за НАТО, ЕУ, Русија и Белорусија.

Loading...

Во вторникот полските власти соопштија дека два белоруски хеликоптери влегле во нивниот воздушен простор, што Белорусија негираше.

По тој инцидент, Полска изрази „цврст протест“ против Белорусија, а белорускиот амбасадор беше повикан во Министерството за надворешни работи.