Како што информира Министерството за внатрешни работи, во текот на вчерашниот ден, околу 17,45 часот во Свети Николе, полициски службеник при вршење на службени дејствија, забележал ПМВ Лада кое се движело со голема брзина и велосипед кој се движел пред него.
Возачот на Лада, видно лут од велосипедистот поради тоа што тој се движел пред него и му пречел во движењето, го запрел возилото и започнал вербална и физичка расправија.
Полицаецот пристапил, ги одвоил лицата и започнал со легитимирање на возачот на патничкото возило, кој пак давал отпор и започнал со тегнење и буткање да се спротиставува на службеното лице.
Потоа возачот седнал во возилото и започнал да го движи по патот држејќи го полицаецот за рака, влечејќи го десетина метри по патот, при што од брзината на движење полицаецот паднал на патот.
Возачот на Ладата, триесетгодишен жител на Свети Николе, потоа во два наврата, движејќи се по патот и вртејќи полукруг се враќал кон полицаецот обидувајќи се да го прегази.
Во неговиот втор обид бил спречен од страна на полицаецот кој во полуседечка положба употребил огнено оружје и притоа му нанел огнострелна рана, од која лицето починало.
По наредба на ЈО, телото на починатиот е предадено на обдукција.