Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ вечерва со почеток од 18 часот ќе се одржи поетско музичка вечер по повод 116 години од раѓањето на Коста Солев Рацин.
Станува збор за концерт на уметникот Сашко Костов и учениците од кумановските училишта.
Сашко Костов е современ македонски музичар, поткован со многу знаења, наслушан и со немирен дух.
Еден од ретките кои потпирајќи се на сопственото авторско кредо и на стекнатите свирачки вештини зад себе има пристојно долга кариера документирана во некаде петнаесеттина објави, многу театарска музика и уште повеќе концертни настапи со групите чиј предводник бил (BAD SECTOR, SASKO KOSTOV and THE WAITING WAITS), но и со дузина каде се јавува како редовен или „дописен“ член (МУГЕР ФУГЕР, ЛАСТ ЕКСПЕДИШН, ЧИСТА ОКОЛИНА, Горан Трајковски…).
Исто така е академски музичар кој својата формална наобразба ја заокружува на Џез академијата на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Ова подразбира дека тој подеднакво е успешен како тапанар, перкусионист, вокалист, гитарист, клавијатурист.
Во Куманово ќе се претстави со својата авторска, театарска музика за Кочо Рацин, по повод 116 години од раѓањето на нашиот познат црвен поет, автор, писател, културен деец – Кочо Рацин, а учениците од кумановските средни училишта ќе ја читаат поезијата на Кочо Рацин.
Настанот ќе започне во 18:00 часот во мала сала во Центар за култура, а влезот е слободен.