Подготовките за трансфер на американскиот систем за противвоздушна одбрана „Патриот“ во Украина веќе се започнати, изјави денеска шефот на украинското Министерство за надворешни работи Дмитро Кулеба.
Современите системи за воздушна одбрана „Патриот“ се вклучени во новиот пакет американска воена помош за Украина, што беше договорен за време на посетата на претседателот на Украина Володимир Зеленски на Вашингтон во декември.
Пентагон ја отфрли можноста да испрати свои специјални сили на обука во Украина, но вети дека ќе ги обучи Украинците за неколку месеци.
„Ја завршивме минатата година со револуционерна одлука да и обезбедиме на Украина американскиот систем „Патриот“, како што се договорија лидерите на Украина и САД, Зеленски и Џозеф Бајден. Ние многу го цениме овој чекор на САД. Очекуваме „Патриот“ да биде распореден што е можно поскоро. Подготовките за трансфер на овие системи веќе се започнати“, изјави Кулеба на онлајн брифингот, пренесува РИА Новости.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.